Васту и 5-те елементи

 

vastu pet elementiСпоред ведската наука, целиот космос е составен од пет елементи:
огин, земја, воздух, вода, простор(акаша) или т.н. панча махабута.
Како што е создаден целиот космос од овие основни елементи, така, истите се присутни и во човековото тело и нивниот баланс создава среќа и здравје, а пореметување на соодносот, потешкотии и болести.На пример, главен носител на водата во човекот е крвта(~83% вода), која го пренесува  кислородот во нашето тело заедно со хемоглобинот. Доколку сме одбрале место за живеење каде што квалитетот на водата и воздухот се лоши, тогаш виталноста на целото тело се намалува, па и нашиот живот станува несреќен. Денес, иако луѓето го знаат кажаново, тие не обрнуваат внимание  надевајќи се, притоа, дека нивните  среќа и успех се во големите градови каде квалитетот на овие елементи најчесто е слаб. Ова треба да ги поттикне станбено необезбедените и несреќни брачни двојки да изградат свое живеалиште во природна средина, каде квалитетот на елементите е на повисоко ниво во однос на градовите, особено доколку се во незавидна финансиска состојба или се соочуваат со семејни или здравствени проблеми. Кога ќе имаат квалитетен простор за живеење, ќе се зголемат и нивната среќа и успех во животот.
 
Водата, како елемент, зазема околу 70 % од земјината површина, па поради тоа, таа е главниот чинител на животот, а во приближен  процент е застапена и во нашето тело. Мажот, во просек содржи 60 до 65%, додека жената содржи од 50 до 60 % вода. Затоа, според некое  непишано правило, мажот треба да ја заземе десната страна, а жената левата, гледано кон Сонцето.За лицата кои живеат под екваторот(јужно), е обратно.
 
За да бидете витки, трикот е во пиењето вода. Пиење една, до две чаши  здрава вода, го активира хормонот мотилин кој на мозокот му дава информација дека имаме енергија за наредните 2 до 4 часа. Доколку не внесуваме доволно вода, крвта во телото станува „погуста“, па со тоа и самото нејзино движење по крвните садови станува отежнато. Настанува состојба на тромост и поспаност. Затоа, конзумирањето овошје и зеленчук, во кои е застапен голем процент на вода, делува на нашето добро расположение, а ги „топи“и вишокот  килограми.
 
Огинот, како елемент, најмногу е застапен преку сончевата радијација, но го имаме и во секој дом преку разни топлински извори, како што се: шпорет на електричен погон, на дрва или на плин. Го имаме и во нашето тело како температурен процес од 36 до 37.8 степени Целзиусови, а за просечни вредности се земаат 36.6 степени. Правилната поставеност на светлосните извори и топлината во домот, па и во нашето тело, создава благосостојба, додека неправилната поставеност предизвикува пожари и несакани изгореници.  Познато е дека сончевата светлина влијае на создавањето на Д- витаминот во телото, значаен за метаболизмот, а со тоа и за растот на коските. Но, ова е старо и непотполно согледување на медицинската наука. Денес се знае дека Д –витаминот, доколку е во недостаток во телото, го намалува имунитетот, па полесно се заболува од некои видови грип и од болести на белите дробови; дијабетис, реуматичен артритис, мултиплекс склероза, па и од Кроновата болест на тенкото, а поретко и на дебелото црево. Овој витамин контролира околу 200 гени и нивните протеински „деривати“. Доведува до ослободување на серотонинот кој го регулира нашето ментално здравје. Влијае превентивно против појавата на карциномот, што е спротивно со тврдењето на „козметичките“лекари, кои, сончањето, пред некоја година, го ставија на прво место како предизвикувач на некои облици на рак на кожата. Притоа, не треба да се заборави на профитот на козметичката индустрија од продажбата на вештачките креми и масла. Васту ја третира сончевата светлина како лек(енергетско ниво), доколку правилно се насочи во домот, но дава и препораки во кои интервали од времето овие зраци се штетни, како на пример, при затемнување на сонцето во одредени месеци од годината или во одреден час, итн.
 
Бидејќи сме земја, во која, барем светлината ја имаме доволно дури и за „туристички извоз“- со голем број на сончеви часови, истата треба да ја искористат нашите туристички работници како компаративна предност во однос на други региони во Европа и Светот, а на кои светлина им недостасува. Ова го подразбира фактот дека Република Македонија изврши компаративни мерења во различни туристички региони (квалитет на вода, воздух, сончева илуминација), па зошто тогаш да не и геопатските точки, кои може да ги презентира како аргумент повеќе во полза на здрав и квалитетен престој во Македонија.
 
-------------------