Prikazna za Saturn 7 del

 Само што Викрама престанал со пеењето, лампите се изгасиле. Потоа почнал да пее друга песна. Принцезата го слушала и се прашувала, кој ли има ваков прекрасен глас. Повторно ги побарала слугите и им наредила да проверат кој пее толку прекрасно. Слугите на принцезата следејќи го гласот го виделе осакатениот Викрама кој седел врз пресата за масло и пеел. Веднаш отишле кај принцезата за да и соопштат кој е тој што пее толку нестварно убаво. И кажале дека тоа бил осакатениот крадец кој нејзиниот татко пред седум години го казнил со толку сурова казна бидејќи бил обвинет за кражба. Токму тој инвалид седел врз пресата за цедење масло и пеел така волшебно. Принцезата им рекла да одат и веднаш да го донесат кај неа. Една од слугинките рекла: „Ако го доведеме, кралот Чандарсена може многу да ни се налути, ќе може ли прво него да го известиме дека ќе го доведеме осакатениот работник од мелницата за масло?“ Принцезата се спротивставила и рекла: „Јас подоцна ќе го известам татко ми. Сега одете и доведете го.“ Слугинката прво зборувала со сопственикот на мелницата за масло и потоа отишла да го покани Викрама кај принцезата. На почетокот Викрама се обидел да ја одбие поканата, плашејќи се дека можеби тоа повторно е дело на Сатурн бидејќи сеуште не беа изминале тие седум и пол години. Но девојката инсистирала и тој се согласил.

Викрама отишол со слугинката во одаите на принцезата. Таа го седнала и му рекла: „Ти навистина добро ги знаеш класичните индиски песни. Те молам да запееш една за моите уши. Твојот глас е толку силен, а благ, како да си некаков небесен музичар.“

И така секој ден Викрама пеел за принцезата. Секоја песна била точно одбрана за периодот од денот. Често разговарале. Принцезата забележала дека тој не е обичен човек, неговиот говор и мудрост оддавале дека тој мора да има некакви благороднички корени. Уживала во неговото друштво.

И така поминала уште половина година. Како што одминувале деновите, така нивната взаемна приврзаност станувала се посилна. Најубавите моменти од денот им биле токму миговите поминати заедно. Навечер откако принцезата ќе останела сама во нејзините мисли се вгнездувал харизматичниот осакатеник, а Викрама заспивал со ликот на Падмасена во своите мисли. Секојдневно гледајќи го и разговарајќи со премудриот и благороден Викрама се вљубила во него и решила дека ако некогаш се венча во животот тоа ќе биде само со него. За нејзе било невозможно да си го замисли понатаму животот без него. Знаела дека тоа ќе биде голем проблем за нејзините родители и дека тие со сите средства ќе се обидат да ја спречат и да ја премислат. Но нејзината љубов станувала толку силна и сигурна што ништо на светот не можело да ја поколеба. За таа цел решила да гладува се додека нејзините не се согласат на тоа. Кога го слушнала ова нејзината мајка ја запрашала: „Зошто се изложуваш на ваква мизерија?“. „Мајко“, одговорила принцезата, „решив да се омажам за човекот кој доаѓа секојдневно во нашата палата и ми пее, јас го одбрав него и не сакам никој друг!“. Мајката не можела да поверува, „Ќерко да не си полудела! Ти треба да се омажиш за некој еминентен принц, а не со овој осакатеник.“ Но принцезата била одлучна: „Јас нема да го прекршам својот збор. Само тој може да биде мој сопруг!“

Кралицата сериозно се загрижила и почувствувала дека оваа нејзина одлука нема да може лесно да се смени и отишла да разговара со својот сопруг, кралот. Кралот токму тогаш се обидувал да дознае кој е тој што ја посетува секојдневно ќерка му и ги пее тие прекрасни песни. Тогаш влегла кралицата и му раскажала на кралот за што разговарала со својата ќерка. Кралот разгневен од тоа што го слушнал ја викнал принцезата и и рекол: „Овој човек е крадец и јас го казнив. Веднаш ќе пратам луѓе да пронајдат достоен сопруг за тебе.“ Принцезата на тоа ладно одговорила: „Ќе си го одземам животот, доколку овој човек не стане мој сопруг.“

Изговарајќи ги овие зборови, кралот забележал во нејзините очи дека таа е силно одлучена и дека нема да може да ја премисли. Иако беше бесен сепак рекол: „Добро, доколку така си одлучила. Никој не може да смени нечива судбина.“

Кралот отишол во своите одаи и легнал очаен на креветот. Превртувајќи се, на крајот заспал и во својот сон го видел кралот Викрама, но овој пат тој бил повторно со раце и нозе.