Prikazna za Saturn 5 del

 Кралот Викрама полека стигнал до градот Тамалинда и застанал пред една продавница. Сопственикот трговец, а воедно и продавач во таа продавничка, тој ден продал двојно повеќе од обично и си помислил, веројатно човеков што седи пред продавничкава ми носи среќа. Тој решил да го покани во својот дом на вечера. Го прашал на која каста припаѓа и од каде доаѓа. Кралот Викрама му кажал од која каста припаѓа и дека живее многу далеку од овде, но не се претставил како крал. Трговецот имал ќерка по име Алолика. Таа не била мажена, бидејќи таткото не можел да најде добра прилика за неа. Ја викнал и рекол: „Алолика, денес најдов момче за тебе“. Во ред татко, одговорила таа, но прво сакам да го тестирам неговиот ум, мудрост, и потоа ќе се омажам за него.

Трговецот го испратил кралот до собата на својата ќерка за да ја преспие ноќта.

Кралот Викрама влегол во нејзината соба. Собата била преполна со слики, интересен лустер со бисери, и различни орнаменти. На кралот Викрама сето ова му делувало прилично волшебно и сомнително. Се посомневал дека Богот Сатурн има замешано прсти. Ноќта не заспал размислувајќи за седум и пол години на влијанието на Сатурн што следуваа.

Алолика влегла во собата, сета накитена, на нејзините нозе тропкале алки, мирисала на неодолив парфем. Се обидела да го разбуди кралот прскајќи го со вода од шафран, но бидејќи тој се преправал дека спие, таа не можела да го разбуди. Три часа се обидувала да го разбуди, но ништо, на крајот го симнала својот бисерен ѓердан и го закачила во собата, легнала до кралот и набргу и таа заспала.

Оф, си мислел кралот, ако е грев да зборуваш со немажена жена насамо, колкав ли грев е да бидеш допрен до неа?

Додека се прашувал ова, кралот Викрама го видел нацртаниот лебед на ѕидот како оживува и долетува до местото каде што Алолика го беше оставила бисерниот ѓердан и почнал да го голта. Кралот Викрама си помислил: „Ова лошо ќе се одрази врз мене. Ќе биде лошо и ако реагирам, тоа ќе значи дека не сум спиел а сум лежел до немажена жена, а ќе биде лошо и ако дозволам да го голтне, тогаш може да ме обвинат за кражба.“ Кралот Викрама сметал дека е подобро да го наречат крадец отколку дека сакал да ја искористи девојката. Потоа Викрама потонал во сон.

Кога се разбиудила Алолика ја подала раката накај бисерниот ѓердан, но не го дофатила. Станала и видела дека го нема и си рекла: значи овој е таков измамник и крадец, ми го украл ѓерданот! Го разбудила нервозно и му рекла: „Давај ми го ѓерданот и да те нема од тука!“. Кралот Викрама се обидувал да објасни дека тој не е крадец и дека сè ова се должи на неговата лоша среќа. Но Алолика не му поверувала и истрчала кај татка си и му рекла: „Значи ваков маж ми најде за сопруг, каков измамник и крадец, ми го украде бисерниот ѓердан!“ Трговецот вознемирен од тоа што го слушнал отишол во собата кај Викрама и му рекол: „Јас те нагоштевав со најубави јадења, ти дадов засолниште да преспиеш, дури ти ја понудив и раката на мојата ќерка, а ти вака ми враќаш!“ Кралот Викрама залудно се обидувал да објасни дека тој е невин. Трговецот уште толку се разбеснел од неговото правдање и му наредил на неговиот слуга да го врзе и убаво да го претепа, па можеби тогаш ќе ја признае вината. Слугата силно го удирал кралот, а тој видно тажен викал: „Залудно ме тепате, па ме претресовте и видовте дека кај мене нема ништо“. Трговецот рекол: „Ова е професионален крадец, на толку тепање уште не признава, водете го кај кралот“.

продолжува...