Prikazna za sade sati na planetata Saturn 2 del

 Откако публиката јасно ја покажала својата благодарност кон застапникот на Марс и неговата силна презентација, се појавил застапникот на Меркур. Како олицетворение на самиот Бог Меркур, неговиот застапник зрачел со сестран интелект и подвижна ментална спретност. Со дипломатски јазик полн со вештина. Со должна почит кон кралот Викрама тој се поклони и почнал: „Меркур е помоќен и од Марс. Умот е секогаш поефективен од силата. Меркур е најинтелигентната планета и на оние што му се поклонуваат им помага да ги надминат сите препреки, тој ги просветлува патиштата на сите луѓе низ животот.“ Неговата боја била зелената, тој бил со витко тело и видна енергичност, исклучително згоден и благ, секогаш зборува со префинети, слатки зборови, но исто така обожувал да си игра со зборовите користејќи двосмислености, што е повторно знак на наговата интелигенција. Обожува шеги и игри. Тој владеел со математиката и бизнисот, умот и говорот, особено важен за трговците и оние чија алатка е говорот. Неговиот метал е месингот, а камен смарагдот. Господар е на северот, неговиот ден е среда (итал. Mercoledi), а констелација на Близнаци и Девица. Тој е познат како Златноокиот, Маѓепсник, Познавач и Пробудувач. Претставникот продолжил раскажувајќи го митот за Богот Меркур и неговата превласт меѓу планетите. Публиката повторно била воодушевена и се повеќе неодлучна, која би можела да биде најголема од сите планети.

На ред бил претставникот на Јупитер. Целиот голем, благ, добродушен, се истакнувал со мудрост и добро просудување. Без осудување на претходните говори од претставниците, Јупитеровиот претставник започнал да зборува за својата надмоќ меѓу планетите посочувајќи прво дека тој е „поголем“ од Меркур, бидејќи Меркур има две лица (со други зборови знае да биде и дволичен) и дека во зависност од опкружувањето Меркур станува таков какво што е окружувањето, ако е во лошо друштво и тој станува лош. За разлика од него Јупитер е посупериорен, со интегритет.

„Оние што него го обожуваат се лишени од мизериите и ги достигнуваат посакуваните цели и желби. Тој е исклучително милозлив, а неговата мудрост е длабока.“ Според телесниот тип тој бил крупен, со округол стомак и со глас како лав. Очите му зрачеле со жолто смеѓа светлина, облечен бил во жолто, накитен со жолти цвеќиња.

„Тој ги поседува сите доблести, но е скромен и знае да прости, и е среќен. Неговиот дух, дисциплина и интелект се стабилни. Тој зрачи со стабилност. Неговиот метал е злато, а драг камен топаз. Тој е господар на салото во организмот, на северот, неговиот ден е четврток (итал. Giovedi), а ѕвездена констелација на Стрелец и Риби. Тој е неречен Учител на бесмртните, Духот, Советникот, Господар на говорот, Златниот, Креаторот, Младиот, Сочувствителниот, Мирољубивиот.“

Неговиот претставник продолжил да зборува за митолошката приказна за Јупитер, и на крајот завршил со тоа дека никој не може ни да се спореди со супериорноста на Јупитер: „Кога ти е наклонет ги уништува сите твои непријатели, но кога е презрен го уништува твојот просперитет.“

Следен на ред бил претставникот на дружељубивиот Бог Венера. Тој бил спонтан, услужлив и пријателски настроен. Бидејќи Венера не сака насилство, своите аргументи за супериорност над другите планети ги претставил многу нежно и неагресивно. Претставникот на Венера продолжил: „Јупитер има огромен потенцијал, но големината на Венера е ненадминлива. Богот Венера може да ги оживее мртвите! Затоа Венера е најмоќна од сите планети. Оние што му се поклонуваат на Богот Венера ги победуваат сите препреки, проблеми, грижи и болести. Богот Венера ним ќе има донесе среќа, радост и потомство.“ Тој бил интелигентен, убав и чувствителен. Негова боја била бојата на снегот, а цветот бел јасмин или лотус. Бил љубител на убава музика, женственост, неговиот метал бил среброто, а скапоцениот камен дијамант. Неговиот ден бил петок (итал. Venerdi), а соѕвездие на Вага и Бик. На тие што во хороскопот Венера им се наоѓа на значајно место им подарува преубави очи.

Откако заминал застапникот на Венера, публиката почнала да галами, да зборува за сите досега претставени планети. Кралот Викрама почекал да стивне публиката и рекол: „Да го видиме сега застапникот и на седмата планета.“